Банката е формирана во 1948 година како Комунална банка –Битола, со фокус на работата во подрачјето на Битола, а од 1962 на подрачјето на Битола и Демир Хисар. Во 1966 Комуналните банки на Битола, Охрид, Ресен, Струга и Крушево се обединуваат во Комерцијално инвестициона банка Битола со седиште во централа Битола и пет филијали.
Во 1971 година, трите водечки банки во Република Македонија, Комерцијално–Инвестициона банка - Битола, Комерцијално–Инвестициона банка - Скопје и Стопанска банка Скопје, се интегрираат во една единствена банка Стопанска банка – Скопје со седиште во Скопје.
Во 1977 година се основа и конституира Стопанска банка Основна банка Битола, а во 1989 година основните банки се соединуваат, се формира Стопанска банка а.д. Скопје, а основните банки се трансформираат во нејзини главни филијали.
Стопанска банка а.д. Битола, во својата денешна правна форма отпочна со работа со одлука на Собранието на акционери од 07.06.1995 година, како самостојна банка со почетен биланс од 01.01.1995 година.